зА ПРОЕКТОТ
Во рамките на билатералната соработка помеѓу МАНУ и САНУ кон крајот на 2018 година започна реализација на заедничкиот проект Семејно помнење и културно наследство: Ароманци (Цинцари, Власи) во Србија и Македонија. Проектот се одвива на територијата на Србија и Македонија и се однесува на системско мапирање и архивирање на семејното помнење на ароманските семејства, пред сè по пат на интервјуа и собирање аудио и визуелни материјали поврзани со ароманскиот (влашкиот) јазик и култура. Во рамките на проектот се вршат заеднички истражувања и собирање материјали кои се дигитализираат и се вклучуваат во дигиталниот архив на ресурси за проектот. Сето тоа ќе придонесе кон создавање на една голема база на податоци за семејното помнење на ароманските семејства поврзани со ароманската традиција и култура на териториите на Србија и Македонија.
Една од целите на проектот е поставување интернет страница со дигитални материјали (книги, текстови, фотографии, документи, аудио и видео записи) кои ќе претставуваат значајни ресурси не само за зачувување на влашкиот јазик и култура, туку ќе овозможат и понатамошни проучувања на еден јазик и култура кои оставиле длабока трага во овој регион на Балканскиот Полуостров.